По три години е финализиран документот за заем на Општина Тетово во Светска банка за проширување булевар. За продолжување на булеварот „Видое Смилевски-Бато“ во должина од 671 метар денеска во Советот на Општината беше усвоена конечната одлука за задолжување од 60 милиони 640 илјади и 956 денари откако е коригиран претходиот износ што бил за околу 400 илјади денари помалку.
-Одлуката за долгорочно задолжување во рамки на „Проектот за подобрување на општински услуги“ е донесена во 2016 година но мораше да се прават измени околу износот на заемот. Тој беше променет бидејќи првично беше предвидена градба на два булевара, а сега останува само на булеварот „Видое Смилевски-Бато“. Градбата треба да започне во септември оваа година. Рок на отплата е 13 години со грејс-период од три години, изјави Беким Мемети, претседател на Советот на Општината.
Советниците на Општината го прифатија акцискиот предлог-план за 2019 година на секторот за комунални дејности за чистење на реките на подрачјето на општината.
-Станува збор за чистење на речните корита на река Пена, како и реките во Порој, Мала Речица, Голема Речица и Шипковица, истакна Љуљзим Беџети од секторот за комунални дејности.
Советот на Општината по добивањето грант со кој се обезбедил нов камион за собирање отпадоци и 120 контејнери донесе одлука правото на сопственост да го префрли на Јавното комунално претријатие Тетово како краен корисник.