Во рамки на проектот „Да ги земеме правата во наши раце“ во Виница се одржа дебата против булингот, односно меѓуврсничкото насилство кај младите, а на која учествуваа претставници од стручните служби од училиштата, од локалната самоуправа, родители и ученици.

Проектот се реализира во соработка со првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, финансиски е поддржан од хуманитарната организација „Safe the children – International“, а во него се вклучени ученици од основното училиште „Славчо Стојменски“ од Виница.

– Целта е да се подигне свеста кај младите за различните форми на насилство и превенцијата од истото, односно да ги поттикнеме да размислуваат за тоа како да го спречат и да се заштитат од меѓуврсничкото насилство. Сакаме заеднички со родителите и наставниот кадар да ги детектираме најчестите облици на вербално и физичко насилство меѓу учениците и да посочиме практични примери за преземање соодветни мерки, како во семејствата, така и од страна на стручниот кадар во училиштата, истакна Јана Зенговска од детската амбасада „Меѓаши“.

На дебатата нагласија дека во последните години актуелно е психолошкото насилство меѓу младите, што неретко завршува со физички пресметки. Сè почесто се регистрира интернет насилство како посебна форма, за кое родителите, наставниците и стурчните служби се соочуваат со проблем како да го препознаат и да го спречат. Притоа, насилството е подеднакво застапено меѓу двата пола, а има и инциденти на етничка основа.

Дебатата за меѓуврсничкото насилство е втора активност во Виница во рамки на проектот, откако минатата година по повод Меѓународниот ден за превенција од насилство, учениците од ОУ „Славчо Стојменски“ организираа форум театар на истата тема.