Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски кој денеска на седница на Собранието на Асоцијацијата на градови од Македонија со архитектонско наследство во Скопје е избран за претседател на оваа асоцијација, побарал дополнителен и зголемен ангажман на институциите во државата околу заштитата на културното и архитектонско наследство за да биде зачувано од целосно пропаѓање и уништување од забот на времето и негрижата.

Како што информираат од Општина Велес, на собранието присуствувале градоначалниците на Струга, Гевгелија, Берово и Кочани , претставници на одделенијата за урбанизам од 12 општини како и стручни лица од областа на заштитата на културното наследство од надлежните државни и локални институции.

На собранието биле избрани членовите на органите на управување на асоцијацијата, како и членови на стручниот тим кој во иднина ќе се проширува со еминентни експерти за заштита на културното наследство.

На собранието било иницирано воспоставување соработка со ЗЕЛС и продолжување на соработката со Француската национална асоцијација “Впечатливи градови и локалитети на Франција”.

- Воедно во наредниот период тимовите на асоцијацијата ќе работат на измена на Статутот и утврдување на приоритети со цел да се овозможи максимална функционалност и да им се помогне на македонските општини да ги зајакнат капацитетите за грижа за архитектонското и воопшто на културното наследство, информираат од Општина Велес.