Клубот на млади при Општинската организација на Црвен крст од Струмица со перформанс на жртви на трговија со луѓе денеска на струмичките матуранти, кои танцуваа квадрил на плоштадот во Струмица, им упати порака за последиците од најбрзо растечката форма на меѓународен криминал.
-Во деновите кога матурантите слават им упатуваме силна порака да внимаваат и да се информираат, посебно дел од нив што ќе заминат надвор од државата, кои по работа, кои на студирање, да не станат дел од трговијата со луѓе. Посебно им советуваме да обрнат внимание и да се информираат каде патуваат, со која туристичка агенција патуваат, да внимаваат на огласите што нудат лесна работа и не бараат познавање јазик и без работно искуство и при влез во странска држава да се информираат за бројот на нашата амбасада и СОС бројот за жртви на трговија со луѓе, рече Маријана Тошева, секретар на Црвен Крст Струмица.
Младите активисти на Црвениот крст во соработка со СВР Струмица – Сектор за превенција со цел подигнување на сообраќајната култура и безбедност на матурантите им поделија флаери со мотото „Не си фраер ако загинеш на матура“.