До редакцијата на Makpress.mk беше испратен демант од страна на општина Кисела Вода во врска со серијата текстови објавени на порталот а во врска со дислокацијата на Центарот за зависности кој се наоѓа во оваа општина.
Иако во демантот немаше ниту име ниту презиме кој ја испраќа реакцијата ниту пак одговорна служба или сектор, сепак истиот ќе биде објавен во целост и без никакви интервенции:
- Општина Кисела Вода би сакала да реагира на текстот објавен во вашиот медиуми со наслов “БОЛНИЦАТА БАРДОВЦИ – НОВА ЛОКАЦИЈА ЗА ЦЕНТАРОТ ЗА ЗАВИСНИЦИ?”, во кој наведувате бројни обвинувања и податоци кои немаат допирни точки со вистината.
Во интерес на објективното информирање на јавноста сакаме да посочиме дека отсекогаш сме биле отворени за комуникација со сите новинари кои пројавиле желба да известуват за настани врзани со функционирањето на локалната самоуправа. Во изминатите неколку дена покрај овој текст објавивте и повеќе други, без притоа било кој од вашите новинари да достави прашање до прес службата на Општина Кисела Вода, што ако се случеше, јавноста немаше да биде доведена во заблуда околу случувањата поврзани со функционирањето на Центарот за зависности.
Велите “Макпрес повикувајќи се на извори во општина Кисела Вода прво објави дека објект уште не е најден, за да ден потоа од оттаму излезат со официјален став дека надлежноста е во рацете на министерството и оти најверојатно е договорен објектот.”
Иако во текстот наведувате дека ден претходно самите погрешно сте ја информирале јавноста од, цитираме: некои “ваши извори во општината”, за кои одговорно тврдиме дека не сте ги провериле од официјалната прес служба на општината, сакаме да ги известиме жителите кои се најзасегнати од овој проблем, дека се работи за неточни информации. Дури ни за официјалниот одговор на кој се повикувате, не не’ прашавте и текстот ви е повторно одговор од новинар од друг медиум кој уредно ни се обрати со вакво прашање. Уште еднаш наведуваме дека сме отворени за сорабока со сите новинари, со граѓаните и одговараме на сите прашања кои се во надлежност на локалната самоуправа. Затоа, би ве замолиле, пред се во интерес на вистината и објективното информирање да ни се обратите со вашите прашања, што би укажувало на професионалност и од ваша страна.
Во контекст на претходното, ви го препраќаме официјалниот став на Општина Кисела Вода во врска со Центарот за зависности:
-Ве известуваме дека Центарот за превенција и третман на зависности од дроги е под ингеренции на Министерството за здравство. Но, сепак, врз база на она што го имаме како информација што произлезе од конструктивната соработка и партнерство со оваа надлежна институција, можеме да ве известиме за следново:
Локацијата за дислоцирање на Центарот за зависности е утврдена. Во тек е уредувањето на правните односи за објектот во кој Центарот ќе се префрли. По уредувањето на правните односи, веднаш ќе се започне со процесот на приспособување на објектот, согласно стандардите кои теба да ги има здравствена установа со ваков тип на дејност.
Со почит, Оштина Кисела Вода, стои во демантот испратен на официјалниот меил за електронска комуникација на порталот Makpress.mk
Согласно горенаведеното, должни сме како редакција да дадеме одговор на демантот од Општина Кисела во кој во суштина не се демантира ниту една објавена информација.
Ја известуваме јавноста а воедно и Општина Кисела Вода дека во серијата текстови објавени на порталот Makpress.mk а кои се однесуваат на дислокацијата на Центарот за зависности во Кисела Вода нема ниту напишано или упатено навреда кон некого, ниту серија неосновани обвинувања, ниту пак се изнесени податоци кои немаат допирни точки со вистината. Имено во текстовите е констатирано дека првичното ветување за дислокација на центарот беше во ноември, кога беше најавено од страна на Градоначалникот и Министерот за здравство дека решение е најдено. Рокот беше до 1 декември 2018 година да се дислоцира институцијата, па се префрли за месец мај оваа година. По серија реакции на граѓаните, решивме да истражиме зошто и како е закочена работата, притоа користејќи свои извори, брифери или свиркачи кои секако во новинарството и во медиумите ниту се забранети ниту се непрофесионални. Воедно во вториот објавен текст, се појави сомнежот зошто не се открива локацијата ако е утврдена за како што самите велите еден од поголемите проблеми на засегнатите жители. Во текот на вчерашниот и денешниот ден повторно од наши извори дознавме дека најверојатно локацијата ќе биде во ЈЗУ Бардовци, за што од Ваша страна во реакцијата ниту има демант ниту има потврда. Токму тоа што ниту една институција, надлежна или засегната, не соопштува каде е локацијата за дислокација на центарот, остава можност јавноста и медиумите да шпекулираат и информациите да ги дознаваат од свои извори.
Што се однесува до објава на демантот, истиот е објавен во целост и без никакви интервенции, бидејќи уредувачката политика на порталот Makpress.mk е објективна, непристрасна и сите засегнати страни се застапени подеднакво.
Редакциски коментар