Сојузот на борци од Тетово денеска организираше настан за да се оддаде почит по повод 76 години од смртта на првоборецот Иљо Антески-Смок. Пред споменикот во населбата Два Бреста беше одржан пригоден говор, а присутните положија букети цвеќе.

-Иљо Антески-Смок загина на неполни 24 години и немаше можност и среќа да ја почувствува и да ја дочека слободата во која толку многу веруваше.Тој како член на Мавровско-гостиварскиот одред во април 1943 г. во битката кај Ново Село, Гостиварско, бил заробен заедно со 12 други соборци од балистичките одреди кои служеле на италијанскиот окупатор. Подоцна фашистите го осудуваат на смрт, а на денешен датум 17 мај во 1943 година Иљо е обесен. При бесењето извикува: „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ и самиот го поттурнува столчето за да биде обесен – истакна Јоцко Димитриевски.

Во Тирана, покрај Иљо Антески-Смок, италијанските фашисти осудиле на смрт и обесиле уште петмина други негови соборци Душко Поповиќ, Раде Угриновски, Христо Оџаклиески, Драги Тодоровски и Трифко Андоновски.

По повод годишнината од смртта, пред споменикот положија цвеќе делегации и претставници на Општина Тетово, општинските организации на Сојузот на борци Тетово и Гостивар, гарнизонот на АРМ – Тетово, Здружението за култура и уметност, како и националната установа Центар за култура во Тетово што го носат името на Иљо Антески-Смок.

Почит изразија и претставници на здруженијата на резервни воени старешини, на трудовите инвалиди Тетово, здружението Срби и Македонци-КУД Бранко Чајка, Македонски херои од 2001, Музеј на тетовскиот крај и претставници на општинската организација на СДСМ од Тетово.