Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски учествува на 12.Економски форум што се одржува во Астана, Република Казахстан, соопштија од општината.
Економскиот форум во Астана, што е еден од највлијателните интернационални платформи за дискусија за подигнување и развој на глобалната економија и финансискиот систем, годинава се одржува под слоганот „Инспиративен раст: луѓе, градови и економии”. На форумот учествуваат политичари и бизнисмени од целиот свет.
На маргините на форумот, градоначалникот Димитриевски се сретна со претставници од бизнис заедницата, меѓу кои и со заменик-претседателот на здружението на стопанските комори на градот Астана, Данијар Садиков. На средбата, заедно со в.д. амбасадорот на Република Северна Македонија во Казахтан, Муарем Неџити, беше направена презентација за Општина Куманово и новата развојна индустриска зона „Новини и Речица”, што беше презентирана и понудена за инвестиции на потенцијални инвеститори од оваа држава, кои покажаа голем интерес и најавија посета на градот.
-Општина Куманово заедно со Владата на Република Северна Македонија следниот месец отпочнува со инвестиции во инфраструктура во новата индустриска зона „Новини и Речица” во Куманово. Индустриската зона е лоцирана на Коридорот 8, автопатот E75 „Пријателство“, на пет километри до границата со Србија. Оваа зона со својот капацитет од над 50 инвестиции со различна големина на парцели, урбанистички уредени за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици и сместувачки капацитети, поради својата атрактивна локација е предмет на интерес на голем број домашни и странски компании, стои во соопштението од општината.