Стотина учесници, основци и деца од градинките од Велес, заедно со нивните родители претпладнево учествува на 13-тиот мини-маратон, кој го организираше Друштвото на родители за грижа за здраво поколение, под покровителство на Општина Велес и „Жито маркети“.
Како што појасни за МИА, Иванка Андова претседателка на Здружението, настанот се реализира во соработка со Локалниот совет за превенција од детското престапништво. Советот веќе одржал предавање за децата на тема „превенција од детско престапништво“.
– Целта на овој настан е, освен предавања, децата да ги мотивираме на здрав живот, на спорт, трчање и рекреација и да ги отргнеме барем малку од зависноста од компијутерите, што е во прилог на нивното здравје. Воедно и децата да се социјализираат преку трчање и дружење, потенцираше Андова.
Таа изрази надеж дека од следната година на мини-маратонот ќе се приклучат и децата од средните училишта во градот.
Имено, на сите училишта, учесници и спонзории, како и на СВР Велес им беа доделени благодарници за повеќегодишната поддршка на овој спортски настан наменет за најмладите од Велес.
За повеќегодишна поддршка на настанот благодарница прими и МИА.