Во текот на одбележувањето на 143 години од Разловечкото востание, се уште останува проблемот со реконструкцијата на Спомен домот „Разловечко востание“.

Објектот, како што информира Методи Толевски, директор на НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ не е под Управата за културно наследство па затоа се бара алтернатива за да може да се продолжи реконструкцијата која започна пред две години.

– Спомен дом „Разловечко востание“, не е под Управа за културно наследство и од нас се бара да најдеме соодветна институција, за да може Општина Делчево со таа институција која е соодветна, како на пример Националниот конзерваториум од Скопје ,да покрене иницијатива овој објект да премине во надлежност под Управата за културно наследство. Тоа значи дека тие имаат веќе готов проект кој е реализиран само во првата фаза, а другите три фази се оставени да „висат во воздух“. Да се надеваме дека и Владата на Република Северна Македонија во рамките на капиталните инвестиции ќе одвои посебен буџет за овој објект, рече Толевски.

Во рамки на последната активност за реконструкцијата на домот, како што информира вработениот во Домот Ванчо Спасевки е ставена изолација на кровот на Спомен домот и тука работите застанале.

– За жал работите запреа по поставувањето на изолацијата, керамидите не се ставија поради наводно немање средства. Затоа сметам дека најважно во моментот е да се стават керамидите, бидејки изолацијата со тек на времето, топло -ладно, ќе попушта со секој изминат ден, вели Спасевски.

Сепак и во ваква состојба во Спомен домот Разловечко востание утре ќе продолжат активностите за одбележување на 143 години од Разловечкото востание. Во моментот во тек е ликовната колонија, а централната прослава е утре и ќе започне со планинарски марш до Разловци како и општо народен собир во дворот на црквата Свети Цар Константин и Царица Елена.