Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ од Гевгелија со подршка од Националниот сојуз „Мобилност Македонија“ во Негорски бањи организираше работилница за помош од примената на кинезитерапијата во домашни услови при повреди на рбетен столб со трајни последици.

Темата ја образложи физиотерапевтот Иван Кајтазов, кој исцрпно ја посочи неопходноста на кинезитерапијата во секојдневието на лицата со телесен инвалидитет заради нивен поквалитетен и посамостоен живот, напоменувајќи дека посебно е важна за лицата со повреди на рбетниот столб.

Претседателката на гевгелиското здружение Даниела Гошева Кангов и претседателот на „Мобилност Македонија“, Бранимир Јовановиќ, ја нагласија важноста на социјалната инклузија како и потребата од унапредување на условите за полесно функционирање и независност на лицата со телесен инвалидитет.

Во тој поглед градоначалникот Сашо Поцков, покрај веќе поставените рампи, зборуваше за напорите на Општина Гевгелија за обезбедување на поголема пристапност до јавните установи со цел да овозможи непречено движење на лицата со инвалидитет. им/сд/