Со воена свеченост и во присуство на голем број на гости, денеска во кичевската касарна „Чеде Филипоски -Даме“ беше одбележан Денот на единицата – 21 мај.
На свеченоста беа присутни и командантот на Здружената оперативна команда, полковник Драган Ковачки, командантот на 1. механизирана пешадиска бригада, потполковник Горан Трајаноски, градоначалници од општините во зоната на одговорност, голем број претставници на јавниот сектор, како и ученици од кичевските основни училишта и од Охрид.
– Дваесет и први мај е Ден од посебно значење за припадниците на 4. механизиран пешадиски баталјон, кога во далечната 1943 година е формиран Кичевско-Мавровскиот партизански одред. По тој повод, ние денеска ја организираме оваа воена свеченост и заедно ја прославуваме, рече командантот на единицата Трајаноски.
Toj ги истакна активностите и остварувањата на единицата во изминатиот период.
Денес кога го славиме овој ден како припадници на оваа единица, даваме целосен придонес со постигнување на високи резултати во градењето на борбената готовност и со извршување на многу други значајни мисии кои се приоритетни за единицата и армијата во целина. И годинава се вклучивме во проектот на Министерството за одбрана за популаризација на армијата, во средни училишта “Мирко Милески” и “Дрита” засадивме заедно со учениците 85 садници , денес нашата прослава е збогатена со присуство на ученици од училишта на овој регион– додаде меѓу другото командантот на единицата, Трајкоски.
Гостите и припадниците на армијата ги поздрави и полковник Драган Ковачки кој истакна дека оваа единица покрај редовните обврски и остварени високи резултати, дава огромен придонес во справување со разни предизвици во општеството, и секогаш кога тоа е потребно таа ќе стои на располагање, за решавање на вакви и слични природни или катастрофи предизвикани од човечки фактор.
За присутните во касарната беше организиран и тактичко–технички збор, во текот на свеченоста беше прогласен најдобриот вод во составот на баталјонот, а доделени беа и унапредувања, награди и стимулативни мерки, на старешини и војници од единицата, кои во изминатиот период најмногу се истакнаа.