Целосна реинтеграција и ресоцијализација на децата од улица во Шуто Оризари има за цел проектот „Скриениот херој во секое дете“ што денеска беше претставен во Скопје од страна на здружението Новинари за човекови права, финансиски поддржан од организацијата ХОБС и Европската комисија.
Андреа Накова, координатор на проектот, истакна дека во проектот се инволвирани децата од Дневниот центар за деца од улица, конкретно стотина деца во Шуто Оризари кои преку овој проект ги подобруваат своите вештини во пишување, цртање, комуницирање.
– Проект се имплементираше претходните шест месеци во Дневниот центар за деца од улица. Тој е полн со активности што ги ангажира децата, со што пишувавме книга, цртавме цртежи, учевме за природата за тоа како да комуницираме со други луѓе, учевме повеќе за предметите од училиштето што не ни одеа баш најдобро и од сето тоа произлезе една преубава книга наречена „Скриениот херој во секое дете“. Како автори на книгата се децата од Центарот. Книгата е двојазична, на македонски и англиски паралелно, и има илустрации што исто така беа нацртани од децата за да ја направиме уште посебна отколку што веќе е, решивме сликовницата да ја направиме боенка, па така секое дете кое ќе ја допре во своите раце ќе може да остави свој печат и да ги обои цртежите што се нацртани од дечињата во Центарот, додаде Накова.
Ивица Секоски од Здружението ХОПС-Опции за здрав живот се надева на поголема оддржливост на проектот и повеќе иницијативи во иднина од ваков карактер.
– Ние како здружение успеавме да го регрантираме проектот преку една регионална програма наречена „Социјално зајакнување на млади во ризик“, ја спроведуваме со партнери во шест земји од Западен Балкан и работиме на унапредување на образование, социјалната заштита, здравство, безбедност и пристапот до право за повеќе ранливи категории на деца. Успеавме да доделиме средства, мали грантови за спроведување на прекрасни иницијативи од ваков вид за деца со кои нашата организација практично не работи, ние работиме генерално со маргинализирани заедници, помалку имаме прилика да работиме со други ранливи деца, но иницијатива е спроведена успешно и се надевам на поголема одржливост во иднина, рече Секоски.