Вкупно 66 единици крв се собрани во крводарителската акција што се одржа денеска во просториите на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка.
Акцијата ја организира Општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.
– Втора година по ред во знак на одбележување на денот на пожарникарите, 20 мај, организираме крводарителска акција во просториите на ТППЕ, на која најголем дел од припадниците на единицата даруваат крв, а покрај нив и граѓанството се вклучува во истата. На овој начин покрај тоа што даваме придонес кон обезбедување резерви со крв, промовираме и хуманост, нешто што во нашата професија е главна карактеристика, зашто покрај пожарникари, ние сме и спасители, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.
Со организација на акцијата, рече, се потенцира и добрата меѓуинституционална соработка со општинската организација на Црвен крст Крива Паланка, која функционира на повеќе нивоа.