Обилните дождови кои во изминатите две недели го зафатија регионот на Пијанец, резултираа со масовна појава на печурки. Сончевиот период во моментот, според печуркарите е идеален за појава на ,,вргањ”, која заедно со лисичарката е најприсутна на откупувачките пунктови во Делчево.

-Во првите денови после обилните врнежи на дожд, секогаш печурките се наоѓаат во откриените места со ниско-стеблестата шума, подоцна како што поминува периодот печурката влегува внатре во шумата. Значи се очекува овие денови да има нов наплив на печурка, но внатре во шумата, вели Трајчо Гоцевски, откупувач од Делчево.

Цената на откуп за прва класа ,,вргањ”, како што вели Гоцевски, моментално изнесува 150 денари за килограм.

-За втора класа ,,вргањ” се плаќа 80 денари, јајчарката се откупува по 100 денари, додека цената за лисичарка изнесува 120 денари за килограм. Овдешната печурка откако ќе ја откупат прекупци завршува најчесто на пазарот во Италија, Шпанија, Германија и Швајцарија, додава Гоцевски.

Печурката од Пијанец е позната како доста еколошки чиста печурка и затоа е доста барана на странскиот пазар.