Спортски игри на пензионерите од петтиот регион се одржаа денеска во Гевгелија. Тие се натпреваруваа во 11 дисциплини за да изборат пласман на републичките спортски игри на пензионерите што ќе се одржат во септември во Скопје.

Пензионерите од Велес, Неготино, Кавадарци, Демир Капија, Валандово, Дојран, Богданци и градот домаќин Гевгелија се натпреваруваа и надмудруваа во трки на 80 и 60 метри за мажи и жени, фрлање кугла, скок од место, стрелање со воздушна пушка, пикадо, домино и уште неколку спортски дисциплини меѓу кои и тегнење на јаже.

Пред почетокот на натпреварувачкиот дел што заврши попладнево, пензионерите ги поздрави претседателот на гевгелиското здружение, Велин Стојменов кој им посака пријатен престој и фер спортски натпревари, како и претседателот на Сојузот на Републичките здруженија на пензионери, Чока Ментор кој истакна дека овие спортски игри во кои најнапред пензионерите се натпреварувале само во три, а денес дури во 11 дисциплини, се организираат веќе 24 години.

Пензионерите ги поздрави и градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, кој истакна дека спортот им е потребен на пензионерите како една физичка и духовна релаксација и порача да победат најдобрите.