Ситуацијата со морбилите во Прилеп е под контрола и нема никаква алармантна ситуација ниту заболени меѓу медицинскиот персонал, ниту помеѓу вработените во прилепските градинки кои се во контакт со децата, изјави Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје во Прилеп.

Според Николска, епидемијата е на ниво на целата држава и за секој нов случај се врши епидемиолошка анкета. Списоците доставени до сите здравствени работници во Прилеп и кај вработените во градинките кои се во контакт со децата покажуваат дека нема заболени и нема проблеми во Прилеп.

-Пуштивме списоци до сите здравствени работници во Прилеп, во градската болница и во Здравствениот дом и за сите вработени во прилепските градинки кои се во контакт со децата. Направивме вакцинален статус на сите. Повикувам секој да прими вакцини за што нема никаква нус-појава. Во Прилеп воопшто не е загрижувачка состојбата. Нема заболен од морбили помеѓу прилепскиот медицински персонал. Имаше еден случај на заболена лекарка, која била на специјализација на клиниките во Скопје каде била заразена, но сѐ е во ред и немаме пријавени од медицинскиот персонал во Прилеп, рече Николоска.