Во тек е пролетната дератизација и дезинсекција во Прилеп, како превентивна заштита на населението од глодари и инсекти, пренесувачи на заразни заболувања.
Како што објаснува директорот на прилепскиот Центар за јавно здравје, Драгица Николоска, Центарот в петок ја завршува пролетната дератизација, а заокружена е и првата, ларвицидна дезинсекција. За околу 25 дена почнува адултицидната дезинсекција на територијата на Општина Прилеп.
– Дератизацијата и дезинсекцијата се спроведуваат во неколку етапи, од кои првата е дератизацијата која се одвива во две фази. Едната фаза е во почетокот на мај и јуни и е пролетната фаза на дератизација, а втората е есенската, во септември и во октомври. Се поставуваат родентицидни мамци во должината на целиот канализационен градски систем. Станува збор за 3.750 шахти. Се третираат двапати. Посебно се става акцент на инситуциите од јавен интерес: прилепската болница, училиштата и градинките, како и сите отворени диви депонии. Дезинсекцијата е третирање на два начина: ларвицидна која се врши по течението на Градска Река, кај Вештачкото езеро, кај селото Оревоец, Ленишки мост кај Маркова чешма, Дабнички завој и сите бари и мочуришта. Со дезинсекцијата се опфатени шест циклуси до октомври. Адултицидната дезинсекција ги опфаќа дрвјата и сите зелени површини.
Центарот за јавно здравје набави апарат за, таканаречено, ладно замаглување. Апаратот има огромна можност за распрскување што овозможува и најнепристапните места да се третираат. Од вкупно илјада хектари на кои се простира Прилеп, со дезинсекција се третираат околу 800 хектари.
Дератизацијата и дезинфекцијата е според програмата на Општината што ја финансира превентивната заштита на граѓаните и годинава средствата се во висина од еден милион и 250 илјади денари. Техничката и стручната помош е од Центарот за јавно здравје.