Основачот на Фондацијата Анѓушев и вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев денеска во велешката Гимназија „Кочо Рацин“ им додели стипендии до крајот на нивното школување на гимназијалците Викторија Панова и Марко Инѓилизов, кои го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите што се одржа во Брисел.
Стипендијата од Фондацијата Анѓушев на Викторија и Марко, кои ја завршуваат првата година во СОУ „Кочо Рацин“ во Велес, им се доделува до завршувањето на средното образование. Единствен критериум да ја задржат стипендијата е да покажуваат одличен успех.
Анѓушев на денешната средба со младите ентузијасти им го честиташе постигнатиот успех и им посака да ги прошират своите амбиции за постигнување нови знаења и успеси и додаде дека неговата поддршка ќе ја имаат секогаш.
-Tоа е успех што треба да се награди, интелект и знаење што треба да се негува и поттикнува. Тие се едуцирале со своите професори, но и самите покажаа самоиницијативност, научиле многу сериозни работи. За нивната возраст, знаењето што го поседуваат, во сериозни теми, е навистина реткост и говори дека тоа е нивен интерес и избор. Сакам лично да ги поддржам и да им порачам дека тоа е начинот да се успее, да се биде иницијативен и да се учи повеќе. Затоа Фондацијата Анѓушев, им доделува стипендија, да биде поттик и мотивација за понатамошна нивна едукација. Да се охрабрат и понатаму да вложуваат во себе и да бидат пример за сите нивни врсници, рече Анѓушев.
Во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји, Викторија Панова и Марко Инѓилизов, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите. Првото место за само неколку поени повеќе го освоија претставниците на Словенија, додека третопласиран е тимот на Германија.
-Една од целите на Фондацијата „Анѓушев“ е поддршка на младите интелектуалци и ентузијасти за постигнување значајни резултати во различно поле и поттикнување на образовна надградба, потенцира Анѓушев.
Голема благодарност до вицепремиерот за оваа награда за учениците истакна и нивниот ментор професорот Марјан Стојановски.
– Очекувам и во иднина не само од нашето училиште, туку и насекаде, секој што може да ги поддржува ваквите талентирани ученици, затоа што нив им е потребен само еден дополнителен мотив за да станат дел од современа Европа, рече Стојановски.