Во Струмица денеска се одржа четвртата од серијата јавни дискусии за претставување на нацрт текстот на „Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски на отворањето на дебатата изразил надеж дека стратегијата за едно општество и интеркултурализам ќе ги исполни очекувањата за реализација на едно еднакво општество за сите и ќе ги крши сите ѕидови на досегашните предрасуди.

Владината служба за информирање пренесе дека министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми истакнал оти врз основа на стратегијата ќе бидат иницирани активности за зајакнување на процесите на комуникација и соработка меѓу заедниците во кои секој граѓанин, без исклучок, ќе се чувствува како еднаков, рамноправен припадник на општество, кое е и фер и правично за сите.

– Велат дека нашата влада повеќе е фокусирана на надворешната политика, и оти малку сме се грижеле за внатрешната политика. Како да забораваат дека надворешната политика е во функција на политиката на нашата земја. И дека е рефлексија на духот што се применува во внатрешната политика. Успесите во надворешната политика не беа случајни. Добрососедството и договорите со Грција и Бугарија се одраз на нашата општествена кохезија, рекол министерот Адеми.

Министерот без ресор задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан, пак, нагласил дека со стратегијата јасно ќе знаеме кои се нашите приоритети и цели и кои се мерките кои сите заедно треба да ги преземеме со цел реализација на нашиот исклучително значаен проект, односно концептот Едно општество за сите.

Ленче Христова, од Организацијата на жени од Струмица оценила дека националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во држвава, како прв документ од тој вид, има цел да ги зајакне и да ги истакне долгогодишните заложби на граѓанските активисти, односно нивните каузи за еднаквост и еднакви можности на сите граѓани.л