Кошаркарките во јуниорска возрасна категорија до 18 години шампионот за тековната натпреварувачка сезона ќе го одлучат во спортската сала „Нико Нестор“ во Струга.

Одлуката за местото на одржување на натпреварите е донесена откако наддавачите од клубот Струга 2009 победија на лицитацијата одржана во просториите на КФСМ.

Во тековната натпреварувачка сезона (2018/2019) согласно системот на натпреварување, девојките во оваа возрасна категорија разигруваа меѓу себе во рамки на 15 кола регуларен тек, како и систем на разигрување, а својата надмоќ над противниците ја демонстрираа тимовите на Струга 2009, Баскет Кам, Бадел 1862 и Шкупи.

Натпреварите почнуваат на 1 јуни 2019 година, кога ќе се одиграат два натпревара и тоа првиот меѓу Бадел 1862 и Баскет Кам, и вториот меѓу Струга 2009 и Шкупи. На вториот и последен ден од натпреварите прво ќе се води битка за третото место меѓу поразените од првиот и вториот натпревар, а финалето кое ќе започне во 15 часот ќе се игра меѓу победниците од првиот и вториот натпревар.