Во финална фаза е подготовката на Планот за одржлива урбана мобилност што ќе понуди интегрирани решенија за сообраќајот и сообраќајната инфраструктура во Велес, а го изработува словенечката компанија АПИА.

Нивни експерти денеска во Општина Велес ги презентираа клучните препораки и мерки на планот меѓу кои се зонско паркирање, затворање на центарот на градот за сообраќај, развој на јавниот превоз, изградба на мост на Вардар кај Речани, развој на велосипедизмот и велосипедската инфраструктура, сообраќајни планови за безбедност на децата и учениците на пат кон градинка и училиште, инфраструктура за лицата со ограничена мобилност, воведување еднонасочен сообраќај на најкритичните места во високите делови на градот.

Како што појаснуваат од Општина Велес, со планот Велес треба да добие нови стандардизирани автобуски постојки, да воведе возила за јавен превоз што не ја загадуваат животната средина и да обезбеди повеќе линии за јавен превоз.

–Сите мерки, сценарија и активности вклучени во планот треба да доведат до надминување на постоечката состојба во која 53 проценти од граѓаните на Велес, користат автомобил, а само еден процент велосипеди во секојдневните активности. Податокот дека 39 проценти од граѓаните претпочитаат да одат пеш оди во прилог на промоцијата на здрав живот и претставува значаен елемент за спроведување на предложените мерки, потенцираат од Општина Велес.

Тие најавуваат дека наскоро Општина Велес ќе го добие и финалниот документ со што ќе стане прва општина во земјава со План за одржлива урбана мобилност проектиран до 2039 година, а е изработен според ЕУ стандардите.