Во државата постојат 700 вида медицински и ароматични растенија, од кои традиционално се употребуваат 220 видови. Овие ресурси се одлична можност за заработка, но и претставуваат опасност од губење на билошката разновидност, бидејќи не растат во неограничени количини.

Ова беше една од главните теми на разговор во рамки на обуките кои од вторникот до денеска се одржаа во Пехчево во организација на Организацијата за поврзување на природни вредности и луѓе.

Како што информираше менаџерот на проектот, Анела Ставревска Панајотова, на овие обуки учесниците имале можност практично да се запознаат со начинот на проценка на ресурсите на лековити ароматични растенија и диви бобинки и принципите на одржливо користење.

– Во Република Северна Македонија традиционално се употребуваат 220 вида медицински и ароматични растенија за кои во моментов има многу недостатоци во системот за нивно регулирање. Тоа е така бидејки, количините на растенија кои се од економски интерес не се одредени. При влез во ЕУ, притисокот на Европската фармацевтска индустрија ќе претставува закана за биодиверзитетот во Република Северна Македонија, а единствениот начин како одржливо да се користат овие ресурси, е да знаеме со колкави количини располагаме, вели Ставревска Панајотова.

Најзагрозени ресурси од ваков вид, според професорот Јане Ацевски, во моментот се мечкиното грозје и модрата смрека.

– Вториот вид претставува основа за обновување на шумите во Македонија, а целта со овој проект е да ја дознаеме реалната негова количина, без да се наруши биодиверзитетот со што нема да мора да се плашиме дали овој вид ќе исчезне од територијата на Репулика Северна Македонија, вели Ацевски.

Во рамки на обуките учествуваа претставници од сите заштитени подрачја и од Министерството за земјоделство, шумрство и водостопанство, а беа демонстрирани методологии за проценка на количините на видови кои се од економски интерес за локалното население, но и видови кои се во опасност од преискористување.

Обуките се спроведуваа во рамки на проектот „Постигнување на зачувување на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и вклучување на биодиверзитетот во планирањето за управување со земјиштето“. Проектот е финансиран од ГЕФ и спроведуван од Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), програмска канцеларија во Виена, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.