По Скопје и Струмица денеска и младите од Штип дадоа свои предлози и мислења за новиот закон за младинско учество и организирање.
Пратеничката во Собранието, Ивана Туфегиќ изјави дека за првпат младите се вклучуваат во донесувањето на еден ваков закон, кој е на барање на младинските организации.
– Многу е важно што ова доаѓа од младите за младите и сите коментари ќе бидат вметнати во текстот. Нормално добивме многу конструктивни коментари во однос на текстот на законот, кој ги одредува и границите на млади од 15 до 29 години, националното советодавно тело на млади, каде што младинските претставници ќе седат на иста маса со претставници од Владата, да креираат мислења, да даваат мислења за националната стратегија, буџетот, законите кои се однесуваат за младинските политики, вели Туфегиќ
Прашана дали со овој закон ќе се стопира миграцијата на младите, таа забележа дека директно не, но оти слушајќи го гласот на младите и нивните предлози, ќе се креираат мерки кои на подолг период би го намалиле иселувањето.
Според извршниот директор на коалицијата „Сега“, Зоран Илиевски, добро е тоа што со законот ќе се заложат сите општини во државата да формираат локални младински совети, нешто што тие го почнале пред десет години со формирањето на првиот локален младински совет во Штип.
Смета дека од локалните власти ќе зависи колку законот ќе се применува и колку ќе ги мотивираат младите да учествуваат во младинските совети, но и какви предлози ќе даваат младите.
Прашан како ќе се мотивираат младите да учествуваат во советите на младите, кога со промената на локалната власт се менуваат и раководствата на советите на млади, Илиевски рече дека на заедничка маса ќе се седне со политичарите и ќе им се предочи да ги остават младите сами да учествуваат во креирањето на своите политики, а не да бидат нивни инструмент.
Последните истражувања покажуваат дека учеството на младите во младинските организации и во советите на младите е зголемено за 35 отсто. Смета дека треба да се обезбеди место за младите кои имаат идеи, а не младите кои се подложни на политичко влијание.