Охрид, наместо град кој како заштитен од УНЕСКО да биде наш пасош, со амин на надлежните се претвори во мета за профитирање, пред се во урбана смисла на зборот. Професори на факултетот за туризам предупредуват дека ако надлежните итно не преземат нешто, наскоро не ќе има Охрид што да понуди на туристите.
- Препорака до оние кои градат, кои сакаат да бидат што поблиску до езерото, да им кажеме дека со тоа тие самите губат, затоа што ако еден ден сето тоа го изградиме,ако сето тоа го девастираме, ние не ќе имаме што повеќе да понудиме. Ни се случи во подолг временски интервал да се градат дивоградби,тие дивоградби и се легализира. Имаме ние закон за легализација, практично со тој закон за легализација ние дадовме само придонес или дозволивме и понатака да се гради нешто што не е соодветно за ваква би рекол уникатна средина, вели професорот на факултетот за туризам, Науме Мариноски, за телевизија Алфа.
Неговата колешка Иванка Нестороска прстот го впери во надлежните.
-Тука главната улога треба да си ја имаат надлежните институции кои што треба да ги спроведуваат препораките кои што на неколку наврати беа препорачани од Унеско. Знаете како,заштитата под Унеско на некој начин претставува пасош, вели Нестороска.
Колку за потсетување, Владата донесе времена забрана за градење во Охрид, дури откако беше побарано градот да се стави на Листата на светско наследство во опасност.