Засилувањето на активностите во сферата на финансиската едукација во земјава веќе дава видливи резултати, особено кај помладата популација којашто покажува зголемен интерес за стекнување знаења од областа на финансиите. Конкретна потврда на тоа е и интересирањето на дури 3.000 ученици за учество на настаните поврзани со Европскиот квиз на парите кои беа организирани во земјава и огромниот успех што го постигнаа нашите претставници на финалето во Брисел – Викторија Панова и Марко Инѓилизов – освоеното второ место во Европа.

Ова беше истакнато денеска на средбата организирана во Народната банка по повод завршувањето на годинашното издание на Деновите на финансиската писменост, а на која покрај гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска присуствуваа и министрите за финансии и за образование Драган Тевдовски и Арбер Адеми.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска честитајќи им го постигнатиот успех на двајцата ученици од велешката гимнзија „Кочо Рацин“ и на нивниот ментор Марјан Стојановски им подари симболични подароци. Таа нагласи дека централната банка секогаш ќе се труди на различни начини да им даде максимална поддршка и поттик на младите луѓе кои покажуваат интерес за продлабочување на знаењата од областа на економијата и финансиите.

На средбата, како што информира Народна банка, било истакнато дека вицешампионското место на европско ниво е голем успех за земјата и оти ваквите млади луѓе се оние кои во иднина ќе го дадат својот влог за благосостојба на економијата во државата.

Во однос на Деновите на финансиска писменост било оценето како значајно тоа што годинава оваа манифестација е организирана по концептот на отворени врати на регулаторните финансиски институции и на голем дел од приватниот финансиски сектор за сите заинтересирани граѓани. Било нагласено дека успехот на годинашните Денови на финансиската писменост ќе биде дополнителен мотив за заедничко изнаоѓање на нови форми и начини за уште поголема достапност за граѓаните.

– Прашањата коишто изминативе денови беа упатени до регулаторните институции и до приватниот финансиски сектор ќе бидат од голема корист и за утврдување на некои од натамошните активности за непосредно едуцирање и информирање на популацијата, за да се одговори на сето она што е поврзано со финансиите, а е во фокусот на интересирањето на граѓаните, велат од Народната банка.