Во тетовските градинки слободни места има во групата јасли каде се сместени најмалите бебиња, додека во останатите групи има зголемен интерес поради кои има листи на чекање. Денеска преку завршна приредба симболично од градинката се разделија 340 деца од најголемите групи кои треба да почнат да одат во прво одделение на есен во септември.

-Интересот за престој во градинка и понатаму е голем, но нема информации за нови објекти. Во текот на минатата година комплетно се реновираше градинката „Тетекс“ со цел да се обезбедат најдобри услови за децата. Во наредниот период ќе се реконструира објектот „Стара градинка“ и делумно објектот „Поток“ со што во иднина ќе немаме стари објекти. Додека се реконструираат објектите децата ќе бидат сместени во објектот „Спортски центар“, изјави Рамие Даути, директорка на установата Младост која раководи со детските градинки.

Преку песни, игри и танцувања, облечени во омилените ликови од цртаните филмови, децата од најголемите возрасни групи од градинките Младост денес им се заблагодарија на воспитувачките и негувателките преку заедничката завршна приредба.

-Децата со нивните игри и песни покажаа што научиле во овие неколку години со воспитувачките. Годинава немаа главна порака, туку по слободен избор се претставија пред публиката, рече директорката.

Вкупно 1.200 деца во оваа учебна година беа згрижени во сите објекти на јавната општинска установа детските градинки Младост.