Општина Велес започна со подотовка за изведување ново, посовремено и побезбедно сообраќајно решение на фреквентната сообраќајница кај бензиската на „Црна Река“ во новиот дел на градот, каде често се случуваат сообраќајни несреќи.

Како што информира за МИА, Горан Коцевски од Одделението за урбанизам на Општина Велес, неделава се изведуваат мерења и исцртувања на сообраќајницата како подготовка за изведување на новиот градежен зафат.

– Во нашиот план е поставување разделни острови, по што ќе уследи и бележење на вертикалната сигнализација со знаци и на хоризонталната, односно бележење на пешачките премини, осовинските линии и стрелки. Со нивно поставување и исцртување многу ќе се подобри безбедноста на возачите и на пешаците, потенцираше Коцевски.

Потоа ќе се уредат и тротоарите околу оваа сообраќајница.

Тој информира дека работите ќе ги изведуваат екипи на ГП „Изгрев“ од Велес, а нивното завршување ќе зависи од временските услови.