Во рамки на програмата БиблиоБуМ, Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, заедно со Младинскиот Образовен Форум – МОФ денеска формираше Клуб на млади креативци кој што ќе им овозможи на младите слободно да ја изразат својата креативност, а истовремено ќе го разубават градот со креации со едукативна содржина.

По завршената едукативно креативна работилница во просториите на бибилиотеката, средношколците членови на клубот, своите идеи од хартија денеска и утре веќе ги исцртуваат на површини на четири јавни локации во Велес: кај Градската библиотека, кај Трговскиот во Градскиот и Младинскиот парк во Велес.

Како што појасни Игор Крајчев, директор на Локалната библиотека, главната цел на активностите е да се покаже како библиотеката преку ангажирање на младите, специфично на средношколците, во еден процес на ко-креирање или ко-дизајнирање може да поттикне позитивна промена во локалната заедница.

-Локалната библиотека неодамна спроведе истражување за потребите на локалната заедница каде што резултатите покажаа декa младите, како примарна таргет група, имаат потреба за простор каде слободно ќе можат да ја изразат својата креативност. Од овде се роди идејата да се излезе надвор од просториите на библиотеката и да се делува надвор од рамките на класичните услуги погрижувајќи се за остварување на основна цел: едукацијата,културата и подигнувањето на свеста на своите сограѓани, појасни Крајчев.

Тој информира дека активноста се спроведува во рамки на програмата БиблиоБум www.bibliobum.mk која што има за цел да им помогне на локалните библиотеки да креираат позитивни промени во локалните заедници преку дизајнирање на нови услуги и искористување на постоечките ресурси на библиотеките со цел нивна трансформација во центри на знаење, информации и идеи.

Проектот е поддржан од СмартАп – Лабораторија за социјални иновации и Американската Амбасада Скопје во рамки на БиблиоБум програмата.