При сообраќајни несреќи, пожари, давење, струен удар и многу други секојдневни човечки незгоди и природни катастрофи на местото на настанот сосема случајно може да се затекне секој од нас. Несреќите често се случуваат и во домот и при тоа многу е важно секој од нас да знае и практично итно да пружи прва помош.
Колку е важна Првата помош од граѓаните додека да стигне екипата на Итна помош пример е и неодамнешната автобуска несреќа кај селото Ласкарци, а во која жителите случајно затекнати на местото на несреќата, итно притекнаа први да укажат помош и ги извлекуваа настраданите од превртениот автобус, додека на местото на несреќата дојдоа медицинските и други екипи за помош.
Но лекарите им советуваат на сите што ќе се најдат во такви немили ситуации дека не е потребна само желбата да притрчаат да помогнат за да укажат прва помош, туку претходно треба да бидат едуцирани и добро обучени како правилно да укажат прва помош. Тие предупредуваат дека во спротивно, тие уште повеќе можат да го загрозат животот на веќе настраданите.
Црвениот крст едуцира и организира натпревар на учениците за укажување прва помош
Во Велес, Општинската организација на Црвен крст во соработка со наставници по биологија и физичко од основните и средни училишта и лекари волонтери на организацијата и овој мај 2019 го одржаа традиционалниот 45-ти по ред натпревар по прва помош за основци и средношколци. На истиот екипите натпреварувачи како тим пред лекарската комисија имаа задача усно да појаснат, а потоа и практично да прикажат колку знаат и умеат брзо, вешто и правилно да помогнат да настрада при некои несреќи како при повреди со скршеници на надколеница при пад од лулашка, сончаници, струен удар и други несреќи.
Орце Николов секретар на ООЦК Велес за МИА, информира дека Црвениот крст на Македонија и тие како Општинска организација на Црвен крст во своите активности придаваат големо значење за едукација и практична обука за пружање прва помош
-Таа е една од основните дејности на која посветуваме големо внимание во текот на својата хумана мисија. Во тие рамки ние како Црвен крст сме обучени и сертифицирани да им помогнеме на кандидатите за возачка дозвола да добијат потврда за успешно завршена обука за прва помош. Воедно правиме и обука за вработени од фирмите, затоа што според законот еден од 20 работници треба да биде обучен за пружање прва помош, појасни Николов.
Воедно информира дека за натпреварот по прва помош, учениците ги едуцираа нивните професори во училиште, а и тие во нивните простории, а како дополнување за учење добиваат и Прирачник за прва помош.
-Ние потоа и практично и со помош на наш демонстратор ги обучивме учениците за давање прва помош, а сета таа обука им траеше напорни два месеца. Како потврда на наученото и стекнатите вештини по прва помош, учениците – учесници на овој општински натпревар по прва помош, имаа задача пред стручна медицинска комисија и приктично да прикажат што научиле, појасни Николов.
Тој информира дека освен за натреварите тие преку свои обучени дисеминатори-лекари волонтери на Црвениот крст неколкупати во текот на учебната година вршат едукативни предавања за основците и средношколците за прва помош.
Николов појаснува дека на тие предавања ги едуцураат учениците и обучуваат наставниците како правилно и брзо да пружат прва помош ако се најдат во дадена ситуација, при разни несреќи во училиште, при ученички екскурзии и други ученички активности.
Д-р Јадранка Мишкова долги години вработена во службата за Брза помош и волонтер – активист на ООЦК – Велес, член на комисијата за натпреварот, појаснува дека целта на натпреварите е да ги обучат младите за давање прва помош.
-Една од главните цели на оваа хуманитарна организација е обука на населението за давање прва помош,а во таа насока и едукација и обука на младите. Воедно преку овие натпревари тие и практично да прикажат што научиле и ако затреба и самите да знаат да пружат прва помош при разни несреќи, појаснува д-р Мишкова.
Граѓани кои не се обучени наместо да спасат нечиј живот при несреќи, многу често се само неми набљудувачи
Нејзината колешка д-р Кевица Шопова Клифова, лекар од Брза помош, моментално на специјализација, волонтер на Црвениот крст и член на комисијата на натпреваите, за МИА информира дека повеќе од 15 години учествува во општинскиот па и на државниот натпревар по прва помош за учениците.
-Долго ги следам и оценувам учениците на овие натпревари, а нивната обука за пружање прва помош е многу важна во нивниот живот при разни ситуации. Воедно со оваа наша обука младите од најрана возраст се учат како да пружат прва помош било на свое другарче во несреќен случај на училиште, дома при несреќа на член од своето семејство или во било каква несреќа. Токму тие обуки и натпреварот по прва помош ја имаат и целта да ги научиме младите за правилно укажување прва помош, што значи навреме да спасат нечиј живот, појасни д-р Шопова Клифова.
Таа потенцира дека при нејзината долгогодишна работа увидела дека голем дел од населението не е едуцирано и обучено да укажува прва помош при разни несреќи и таа од праксата заклучува дека голем дел од нив се’ само неми набљудувачи на настанот без да притрчаат на помош на настраданите,
-Нашата здравствена култура во земјава е на многу ниско ниво и тоа треба итно да се менува. Затоа и ние како волонтери во Црвениот крст работиме напорно во таа насока, преку едукативно – практични обуки за учениците, на вработени, на пензионери, на војниците во касарна, за да знаат да укажат прва помош на местото на несреќата, појаснува д-р Шопова Клифова.
Таа воедно потенцира дека нивната хумана мисија е да едуцираат и обучуваат секаде каде што ќе бидат повикани.
При вработување треба да се бара и сертификат за положена прва помош
Д-р Шопова Клифова нагласува дека е неопходно освен неколку вработени во фирмите, колку што бара Законот и сите останати работници во фирмите и јавните установи треба да се обучат за пружање прва помош.
-Сметам дека освен за добивање возачка дозвола, неопходно е и при вработување секој од кандидатите да приложи потврда за положен испит по прва помош, посочува д-р Шопова Клифова.
Нејзиниот колега д-р Филип Тодоров, хирург во Општата болница од неодамна пензионер и долгогодишен волонтер и член на Комисијата за натпреварите, за МИА вели дека освен овие ученици кои се учесници на натпреварите и останатите ученици нивни врсници треба да се обучат за давање прва помош.
-Сметам дека на учениците во основните, а посебно во средните училишта, треба да им се обрне посебно внимание за запознавање со прва помош. Во таа насока предлагам во наставата како порано повторно да се воведе по минимум еден час неделно, настава и обука за прва помош. Од долгогодишната моја пракса можам да заклучам дека во многу случаи итното укажување прва помош од страна, значело да се спаси нечиј живот. Ако тоа не се направи итно за повредениот, потоа може да биде предоцна да се носи во болница. Има многу примери при несреќи кога поради ненавремена прва помош од граѓани кои се затекнале на лице место, потоа било доцна од нас лекарите да можеме да ги спасиме тешко повредените во животна опасност. За среќа во несреќа сме имале и позитивни примери, потенцира хирургот д-р Тодоров.
Елизабета Николовска професор по биологија од велешката Гимназијата „Кочо Рацин“ повеќе години едуцира и обучува свои ученици за натпрварите по прва помош.
Таа смета дека треба да се воведе по минимум еден час неделно за прва помош во наставата. Таа појаснува дека во праксата имале и ќе имаат случаи кога ученици на свој ученик и наставниците треба итно да му пружат прва помош.
-Засега обучени се само учениците кои доаѓаат на натпревари, а кои како екипа континуирано целата учебна година по два-три пати месечно се собиравме и обучувавме, а овие последни месец-два и многу поинтензивно. Но сметам дека освен повремените едукативни предавања од Црвен крст треба и воведување часови по прва помош задолжително и практично да научат сите ученици, потенцира Николовска.
Таа појаснува дека при наставата имало многу случаи: при епилептични напади, при несреќи, односно скршеници на часови на физичко и разни други несреќни случаи на ученици, а кога било неопходно да се пружи итна прва помош.
-Тогаш најчесто мене и колегите по физичко, а кои, исто така се активисти на Црвен крст не повикуваат колегите во чие одделение имало некоја несреќа на ученик, а за да им укажеме прва помош. Но јас сметам дека освен нас двајца – тројца колеги во цело училиште, оваа многу важна вештина треба да ја научат и применуваат во пракса и другите наши колеги, смета Николовска.
Учениците натпреварувачи, бараат сите нивни другарчиња да се обучат за пружање прва помош
Марија Николова ученичка и член на екипата на натпреварот од Гимназијата „Кочо Рацин“ ,појаснува дека овие натпревари по прва помош се многу важни, за секој да знае да пружи прва помош.
-Ова е важно бидејќи во училиште имало случаи кога на наши другарчиња при разни несреќи им било потребно да им се укаже прва помош. Овен нас учесници на натпреварите, сметам дека и останатите наши другари треба да се обучат и да стекнат вештини за прва помош. Целта е да научат како итно да му помогнат на некое наше другарче, наставник или друг вработен во училиште при некоја несреќа, потенцира Марија.
Наставниците и учениците обучени за пружање прва помош учесници на натпреварите, апелираат и иницираат до надлежните во МОН за повторно воведување наставен предмет по прва помош.
Тие потенцираат дека преку континуирана предметна настава и практична обука за прва помош, не само учесниците на натпреварите по прва помош туку и сите ученици во земјава теоретски и пред се’ практично преку вежби треба да се обучат за да знаат и спасат нечиј живот во опасност.
Антоанела Димитриевска