Повеќе од 300 велосипедисти, планинари и љубители на природата учествуваа на дводневниот велосипедско-планински фестивал „Осоговска авантура" што во изминатите два дена се одржа на Пониква.

Манифестацијата што годинава се одржа по трет пат ја организираа Друштвото за спорт и рекреација „Прв до врв", во соработка со велосипедската група „МТБ Исток" од Кочани и спортски ентузијасти од регионот, а главна цел е популаризација на природните убавини на Осоговието и потенцијалите за планински спортови во овој крај.

-Покрај велосипедисти и граѓани рекреативци од нашата држава, годинава за првпат имаме гости од Бугарија и Србија, a планираме во наредниот период фестивалот да добие и меѓународен карактер. Покрај планинарско-велосипедските тури, учесниците имаа можност да кампуваат, а беше подготвена интересна забавна музичка програма, проследена со локални рецепти за подготвување храна. Како завршница на манифестацијата организиравме авантуристичка велосипедска тура од Пониква до Царев Врв и назад, на патека во должина од 40 километри и висинска разлика од 1.200 метри, истакна Панче Зафиров, претседател на „МТБ Исток".

Поддршка за оддржувањето на фестивалот „Осоговска авантура" дава и локалната самоуправа на Кочани, при што градоначалникот Николчо Илијев нагласи дека тој се вклопува во плановите на општината за натамошен развој и искористување на потенцијалите на Пониква, најавувајќи дека летово ќе започне реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај" со кој на Осогово ќе се изградат и уредат две патеки за авантуристички велосипедизам.

Организаторите на манифестацијата најавија дека од догодина очекуваат уште поголема посетеност со учество на гости и од други држави, при што програмата ќе се збогати со планинско трчање, искачување на карпи и слично, а дел од содржините ќе добијат и натпреварувачки карактер со награди за најдобрите.