Нови спортски реквизити и опрема за забавно- рекреативниот терен ќе бидат поставени на игралиштето при домот за ученици „Боро Менков“ од Крива Паланка.

Активноста е дел од проектот „Спорт за сите” кој Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ од Скопје го реализира во соработка со Општина Крива Паланка и локалното партнерство „Спортот за развој” со финансиска поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ.

– Во контекст на пружање подобри услови и инклузија на маргинализирани млади луѓе од заедницата, конкретно, дечињата кои престојуваат во ученичкиот дом, а доаѓаат од руралните средини од целата територија на општината. Ќе направиме уредување на спортскиот терен во комплексот на домот, каде затекнавме слика на оштетени или од забот на времето оштетени реквизити. Покрај нови кошеви, стативи и кош за лица со попреченост, ќе се постават нови клацкалки и лулашки, ќе ги разубавиме и ѕидовите со графити, ќе се изработи пристап за лица со посебни потреби, со што теренот ќе биде инклузивен, а на јавен масовен настан в четврток, 6 јуни, ќе ги обоиме клупите, клацкалките и целиот терен за игра, изјави Магдалена Спасовска, извршна директорка на ТАКТ.

Рече дека оваа активност ќе биде само увертира во низата јавни настани со кои освен промоција на идејата спорт за сите ќе се претстават и можностите кои програмата „Спорт за развој“ ги нуди на младите, со мото дека спортот обединува.

Ги покани сите млади лидери, сите ментори од мрежата „Спорт за развој” и локалните чинители, како локалната самоуправа и ЈП Комуналец, без чија поддршка и помош не би можеле да се реализираат зацртаните цели, да се вклучат и во настанот закажан за четврток, со кој ќе се промени комплетно ликот на игралиштето на ученичкиот дом „Боро Менков”.