Успешно е реализиран годинашниот општински натпревар во риболов на пливка во организација на здружението за спортско – рекреативен риболов и рибарење „Мрена” од Крива Паланка.
Натпреварот се одржа на акумулацијата Отошница, на реката Отошница во општина Ранковце, каде постојат одлични услови за спроведување ваков вид натпревари.
– Општинскиот натпревар во риболов на пливка може да го оцениме како успешен, имавме голем интерес за учество, учествуваа петнаесет натпреварувачи на возраст од единаесет до шеесет и пет години, што му дава посебна убавина на истиот, особено поради фактот што првото место го освои и најмладиот натпреврувач Александар Митовски. Задоволни сме што и времето не послужи и натпреварот се реализира во одлични услови, информира Зоран Стоилковски, претседател на ЗССРК „Мрена”, Крива Паланка.
Второпласиран на натпреварот е Горан Тонев, а трето место освои Мартин Георгиевски.
– Овој локален натпревар се оргнизира секоја година и право на учество имаат само членови на „Мрена”.Голема благодарност до општина Крива Паланка која со нивната несебична поддршка и активно учество овозможуваат да се развива спортско-рекреативниот риболов во нашата општина, дополни Стоилковски.
„Мрена” стопанисува со риболовниот ревир „Крива Река 1″ кој се протега од изворот на Крива Река, се до вливот со Кратовска Река вклучувајќи ги и притоките.