Манифестацијата „Танцот на полуматурантите” вторпат ги обедини сите ученици од 11 основни училишта на територија на општина Гази Баба. Над 600 основци од 11 основни училишта учествуваа на манифестацикјата на плоштадот во Автокоманда, каде играа во еден ритам и со тоа на симболичен начин заедно ставија крај на основното образование и учебната година под мотото „Од полуматура до танц култура”.
Претходно, основците парадираа од улица „16 Македонска бригада” во населбата Железара до плоштадот во Автокоманда.
– Ви посакувам успеси во понатамошното образование, да се оформите во квалитетен кадар кој, пред се, ќе биде успех за самите вас, а потоа и за општината, за градот, за државата. Горд сум што денеска овој настан има и инклузивен карактер и сакам да ги поздравам нашите другарчиња од посебното основно училиште Иднина, кои се заедно со нас на овој убав настан. Меѓу нас нема разлики, сите сме еднакви и тоа е посебната убавина на овој настан, рече на отворањето на манифестацијата градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски.
По танцот, беше организирана и забава за полуматурантите со настап на групите од студиото за танц „Еурека“ како и музичка програма.
„Танцот на полуматурантите” првпат се одржа мината година, на иницијатива на студиото за танц „Еурека“, чии тренери ги обучија учениците како да го изведат завршниот танц, со поддршка на општина Гази Баба.