Во рамки на мултиетничкиот проект „Сите сме заедно“ денеска во Домот на Армијата во Скопје се одржа завршен настан на кој ученици од основното училиште „Лирија“ во Општина Чаир, ОУ „25 Мај“ во Општина Гази Баба, ОУ „Јоаким Крчовски“ и Општина Ѓорче Петров и ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ во Општина Кисела Вода се претставија со повеќе музички точки на македонски и албански јазик.
Проектот се реализира со поддршка од Општина Кисела Вода, Фондот „Градиме мостови“ и Мисијата на ОБСЕ.
– Изминатиов период децата имаа можност преку активностите кои се одвиваа во нивните училишта и надвор од нив да стекнат нови пријателства, подобро да се запознаат, а преку дружбите научија и нешто повеќе за различностите кои се најголемото богатство на нашата држава. Тие дебатираа, креираа колективни игри и зборуваа за заштита и зачувување на животната средина. Учениците со помош на познатиот продуцент Плеурат Гаши компонираа заедничка песна на македонски и албански јазик, насловена „Сите сме заедно“, соопштуваат од прес-службата на Општина Кисела Вода.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски рече дека целта на проектот е зголемување на мултиетничката почит и соработка помеѓу младите, како едно од оснoвните начела на модерна Европа кон која се стремиме.
– Секој поединец треба да знае дека мора да даде свој придонес, а институциите и на локално и на централно ниво се оние кои треба да ја подигнат свеста и да го трасираат патот кон јакнењето на социјалната доверба и развојната перспектива на средината во која живеме. Преку основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ и проектот „Сите сме заедно“, Општина Кисела Вода имаше можност да даде значаен придонес во надминување на предрасудите кои постојат во општеството кога се во прашање различните етнички заедници, и постигнувањето меѓуетничка интеграција со граѓански ангажман на учениците од основните училишта. Општина Кисела Вода нема да престане да ги гради мостовите меѓу различните етнички, верски и културни заедници. Јакнењето на заедништвотo, не само во училиштата, туку во сите општествени сфери ќе биде и натаму наш приоритет. Затоа и уште еднаш им благодарам на иницијаторите на проектот за можноста преку овој проект да го потврдиме тоа, истакна Темелковски.
Aмбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која нагласи дека со овој проект соединувале ученици од четири училишта од различни општини со цел да создадат нови контакти и да изградат нови пријателства со деца кои учат на различни јазици.
– Ние во ОБСЕ веруваме дека поврзувањето на учениците од различни заедници е од голема важност. Тоа помага да се создаде покохезивно опшество и да ги подготви младите луѓе од сите етнички заедници во земјата за нивната иднина во интегрирана, но разновидна Европа. Затоа, ние продолжуваме да го поддржуваме Фондот „Градиме мостови“ заедно со Министерството за образование и наука и преку нашата соработка со Министерството за труд и социјална политика. Би сакал да Ви се заблагодарам Вам учениците затоа што си подадовте рака и затоа што градите мостови кои ќе ја обликуваат иднината на оваа прекрасна земја. Во исто време, им честитам на наставниците за работата и нивниот ангажман и посветеност во постигнувањето на ваква важна цел. Се надевам дека ќе го надоградите ова искуство и ќе продолжите да градите мостови кои ќе ја направат оваа земја посилна и попросперитетна – ние ќе продолжиме да Ве поддржуваме во овие потфати, рече Која.