За прв пат по изградбата, патрониот празник го прослави црквата Вознесение Христово-Свети Спас во тетовското планинско село Јелошник. Празнична литургија одржa г.Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски.

– Вознесениот Господ благоволи по неколку месеци од осветувањето, оваа прва храмова слава на оваа црква, литургиски да ја прославиме заедно, овде во прекрасното село Јелошник. Овој храм е исполнет со благодатна и вознесенска радост – истакна владиката пред верниците во црквата.

Црквата посветена на Вознесение Христово, во народот познато како Свети Спас, во тетовското село Јелошник, по 18 години поминати во градба, беше осветена на 23 септември 2018 година. Градбата започна 2000 година, но поради конфликтот од 2001 градењето беше запрено на неколку години. Црквата посветена на Вознесение Христово е соновидение на Блашко Србиновски, кој потекнува од Јелошник, село во општина Теарце, без постојани жители.