Програмата за одбележување на празникот Спасовден, патронот на Гевгелија, ќе заврши вечер со традиционалната манифестација „Распеана чаршија-Трба,Трби“ што ќе се одржи под отворено небо.

Староградската македонска песна, според најавата од организаторот, вечер ќе се разлее низ шеталиштето на градскиот плоштад. Настанот ќе почне со дефиле на сите ученици кои свирејќи и пеејќи ќе прошетаат низ централното градско подрачје.

Веднаш потоа пред насобраните граѓани први ќе настапат домаќините, распеани гевгеличани, а по нив ќе настапуваат распеани велешани, струмичани, валандовчани, радовишани и женската пејачка група „Камелија“ од Свети Николе.

Годинава за организирање и реализација на богатата културна програма за прослава на гевгелискиот заштитник Спасовден се погрижи Домот на културата под покровителство на Општина Гевгелија.