Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ од Делчево доби донација од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија за набавка на машина за чистење на канализациската мрежа.

Вредноста на донацијата е 450 илјади денари, а договорот го потпишаа директорот на ЈПКД „Брегалница“, Стојче Стојковски, секретарот на Општина Делчево, Владимир Мерзликин и амбасадорот Томас Герберих.

Донацијата како што истакна директорот Стојковски во голема мера ќе ја олесни работата на комуналното претпријатие во насока на извршување на секојдневните обврски.

-Се заблагодарам на амбасадорот Герберих и на германскиот народ за донацијата со која ќе се зајакнат капацитетите на Јавното препријатие за поквалитетно извршување на услугите што оди во насока на остварување на нашите цели за подигање на квалитетот на услугите на претпријатието, истакна Стојковски.

Машината во претпријатието треба да пристигне наредните денови и со нејзиното ставање во употреба додава Стојковски значително ќе се олесни работата на јавното претпријатие.

Ова е прва донација со која јавното претпријатие прв пат ќе има современа механизација за чистење со воден притисок на канализационата мрежа.