Заштитата на Студенчишкото блато и потребата од регулирање на пловниот сообраќај во Охридското Езеро со соодветно сместување на пловните објекти во организирана марина беа темите на дискусија во рамки на јавната трибина што денеска се одржа во организација на Општина Охрид.

На трибината на која присуствуваа градоначалниците на Охрид и на Струга, претставници на Владата и советници на премиерот, на институции како Капетанијата на пристаништата, на Хидробилошкиот институт, Природно-математичкиот факултет од Скопје, како и претставници на еколошките здруженија и клубови за водени спортови, беа разгледувани предлози, идеи, сугестии околу тоа како во иднина да се спроведуваат активности за заштита на Охридското Езеро, а истовремено да се обезбеди локација за евентуална изградба на марина за спесување на пловни објекти на езерото.

Градоначаникот на Охрид, Константин Георгиески изјави дека трибината е организирана со цел да се чујат ставовите на инволвираните и засегнатите субјекти во градот по односните прашања, со мислење дека секогаш е позитивно и потребно да се дискутира, особено кога станува збор за прашања од исклучителна важност на заедницата.

Беа изнесени различни предлози, од дисклокација на Центарот за обука на вода на АРМ и на објектот на Езерската полиција од Студенчишкиот канал, се до идеи марината да се гради во самиот канал или пак на локација на потегот меѓу населбите Воска и Далјан.

Видувањата и предлозите од денешната дебата ќе бидат земени предвид во текот на изработката на Студијата за валоризација на Студенчишкото блато и Физибилити студијата за изградба на марина на Охридското Езеро.

Претставниците на Хидробиолошкиот завод со противење на каков било зафат во езерото, особено во Студенчишкиот канал оттаму што такви инфраструктурни објекти би нанеле огромна штета на еко-системот во тој витален дел на езерото. Тие инсистираат вклучување на научната фела во какви било активности што би значеле инфраструктурни зафати во езерото.

Според охридската локална самоуправа, трибината е во рамки на заложбите за водење политика на примена на највисоки стандарди за заштита на животната средина, почитувајќи ја Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство и настојувајќи да ги спроведе сите препораки од нивната реактивната мониторинг мисија.