Општина Велес денеска објави објава со која на три години под закуп го издава Градскиот пливачки базен со придружните објекти. Изборот по рокот од десет дена ќе се изврши по пат на електронско наддавање. Ова следи откако во понеделникот Советот на Општина Велес едногласно донесе одлука за издавање на базенот.
Базеното минатото лето не работеше поради дотраеност на некои главни делови, како и можност да се срушат носечките столбови, а Општината како сопственик немаше време ниту пари навреме да го санира за да проработи.
Како што појаснуваат од Општина Велес, месечната закупнина ќе биде 74 илјади денари без ДДВ, а закупувачот треба да исполни неколку услови.
– Закупувачот на објектот е должен да изврши санирање на делови од објектот и опремата за да го доведе во фукционална состојба за оваа сезона. За ова е потребно да изврши повеќе зафати (појаснети во техничката спецификацијата) која сите заинтересирани може да ја подигнат од Општина Велес.Сите зафати кои ќе ги изведува закупувачот, ќе бидат вршени под надзор на сопственикот за што ќе се изаде согласност за нивно изведување. Закупувачот е должен до сопственикот да достави и предмер-пресметки за извршени и изведени работи. По утврдување на целосната инвестицијата која ќе се вложи од страна на закупувачот, ќе се утврди можноста за колку време тој може да биде ослободен од месечната закупнина за објектот. По ова таа ќе биде доставена како предлог до Советот за давање согласност за времено ослободување од плаќање на закупнината, појаснуваат од Општина Велес.
Право на учество имаат сите заинтересирани домашни и странски физички и правни лица што ги исполнуваат условите дадени во објавата.
Од Општина Велес очекуваат издавањето на закуп на Градскиот пливачки базен да заврши во предвидениот рок, а безенот да се оспособи и поработи на почетокот на јули. Тие информираа дека за негово оспособување на закупувачот му се потребни 4,5 милиони денари.
Градскиот пливачки базен, кој е сопственост на Општина Велес, е изграден во далечната 1979 година од страна на тогашната ЈНА за нивно пливачко првенство. Во сите овие изминати 40 години воопшто не е реновиран, а поради дотраеност, стручњаците на почетокот на ланската пливачката сезона предупредија на опасност да се сруши и предложија негово итно санирање.
Општина Велес како сопственик, откако лани го раскина договорот со претходниот закупувач, кој и остана должен пари, поради краткиот рок немаше ниту време ниту пари да инвестира за негово санирање и базенот беше затворен во сезоната лето 2018.