Во штипскиот Основен суд останаа да работат 13 судии, заедно со претседателот којшто не може да суди. Пред извесно време судот имаше 14 судии, но еден од нив е делегиран во виничкиот Основен суд, кој треба да реши околу 100 судски кривични и граѓански предмети.

Судијата и портпарол на Основен суд-Штип, Јулијана Неткова, вели дека бројот на судии од година во година се намалува. Во 1996 година имале 24 судии, а сега бројот е преполовен.

-Оваа бројка од 24 судии кратко траеше, се одлеваше по природен пат, кој од судиите исполнуваше услови за пензионирање, други колеги конкурираа на повисоки работни места, ги избираа во Апелацискиот, Врховниот, во основни обвинителства. Оваа бројка кратко траеше, а од 2011 година последните судии се избрани, по што не е извршен избор на нови судии, рече Неткова.

Прашана дали судиите во штипскиот Основен суд се справуваат со бројот на предметите, таа вели дека 12-те судии кои работат на предметите се обидуваат да се справат.

-Но тешко, бидејќи предметите се зголемени и зголемен е обемот на работа, посебно кај прекршочните предмети и работните спорови, на коишто работат по двајца судии, но имаме и зголемување на кривичните предмети, изјави Неткова.

Лани се примени 1 800 прекршочни предмети, додека работни спорови се 1 500. Останува и понатму трендот најголеми тужители на државата да се полицајците, пожарникарите, припадниците на АРМ, а од лани и здравствените работници, коишто тужат поради неисплатени додатоци на плата.

Неткова вели дека надеж за пополнување на испразнетите места во штипскиот Основен суд имаат, бидејќи кон крајот на претходниот месец заврши огласот на Академијата за судии и јавни обвинители која треба да прими околу 60 кандидати од територијата на целата земја.

На овој конкурс се пријавиле стручни соработници од штипскиот Основен и Апелациски суд, но и од редот на адвокатите. Пополнувањето на слободните места во судовите ќе се случи по две години, кога треба да завршат кандидатите, кои ќе бидат примени од Академијата за судии и јавни обвинители.