Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје (ИДКНА) денеска потпиша меморандум за соработка со Националната Установа Филмски Центар „Вардар филм Македонија“.
-Ова е добра можност за градење мостови на соработка со најзначајната институција за филмска продукција во нашата земја. На овој начин создаваме услови за работа во заеднички проекти за афирмација на културата и воопшто на културното наследство. Со овој меморандум за соработка отвораме нови патишта за пристап до фондови за унапредување на културниот живот во нашата земја, изјави директорот на ИДКНА, Скендер Асани.
Изразувајќи задоволство за стекнатата формална соработка со Институтот, директорот на НУФЦ „Вардар филм Македонија“ Насер Цури, посочи дека нивна заедничка цел е размена на ресурси и соединување на капацитетите за создавање културни проекти со вонвременска вредност.
Овој меморандум предвидува двете институции да аплицираат на заеднички проекти и да организираат заеднички културни настани и други активности кои се во фокус на нивната работа.
Потписниците изјавија дека наскоро јавноста ќе биде запознаена со новите иницијативи и конкретните проекти на двете институции.