Во Гевгелија во тек е јавната кампања на проектот за зонско паркирање, кој наскоро треба да се најде на разгледување и пред надлежните органи на локалната самоуправа.
Членовите на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот ја поздравија изработката на проектот бидејќи сметаат дека на тој начин ќе се обезбедат потребните предуслови за регулирање на сообраќајот и ќе се одредат сообраќајните правила,посебно во делот на паркирањето кое моментно е хаотично на територијата на градот.
Основниот проект за зонско паркирање ќе се применува на цела територија на градот Гевгелија и ќе биде поделено во две зони од кои во првата ќе бидат улиците од централниот дел на градот,а во втората сите останати улици.
Проектот нуди предлози за времетраењето на паркирањето,начинот на наплата,начинот на ограничување на отворените јавни паркиралишта како и повластени паркинг билети за станарите во околните објекти,лицата со инвалидитет и корисниците на деловен простор.
Зонското паркирање ќе се наплатува од понеделник до сабота,а во неделите и за време на државни празници зонскиот режим на паркирање нема да се применува и наплатува.