Четворица членови на планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово добија лиценца според стандардот на Меѓународната унија на интернационални водичи во планина (UIMLA). Лиценците им ги предаде претседателот на Унијата, Иан Спеар.
– Со имплементирање на овој стандард, Македонија влегува на светската мапа на дестинации каде што има добро обучени водичи кои можат да реализираат програма. Од една страна се безбедни, а од друга страна тоа се атрактивни програми кои ќе испорачаат високо ниво и гаранции за повисока цена и нормално ако гледаме од бизнис аспекти имаме посилен аспект за развој, бидејќи така ќе имаме желба кај посетители за подолг престој, сместување и добивање исхрана – истакна Константин Циривири, претседател на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.
Инаку, претседателот на меѓународната унија, Спеар додели вкупно 20 лиценцирани сертификати.
– Нивото на организација тука во Македонија е фантастично. Нивото на работа на македонската асоцијација на водичи во планина е фантастично, беа високи оцените на извештаите кои произлегоа од посетите од инспекциите кои ги спроведоа стручните лица од техничката комисија на UIMLA и генерален заклучок е дека нивото на работа и нивото на обука и контролата на работењето на високо ниво и она што е најважно е големата пасија големиот ентузијазам кој постои за вршење дејности во оваа организација – рече Спеар.
Претседателот на ПК „Љуботен“, Јован Божиновски рече дека во регионот на Шар Планина имаме среќа што нивниот клуб ја препозна потребата за планинарски водичи.
– Пред 15 години заедно со Константин Циривири, кој ми беше пријател и соработник, се случија првите обуки кои почнаа да го практикуваат овој интернационален стандард за планинарски водич. Тоа беше добра основа за она што понатаму како планинарски клуб продолживме да работиме и овој стандард не те учи како да се движиш во планина туку те учи како да се развива туризмот во овие средини – потенцира Божиновски.