Единицата за спроведување на проектот за локална и регионална конкурентност вчера на нејзината веб страна ја објави тендерската постапка за адаптација на офицерскиот дом во Битола.
Поканата за доставување на запечатени понуди од прифатливи понудувачи за Адаптација на Офицерски Дом – Битола, општина Битола е во рамките на потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски дом заедно со партерното уредување – Битола “.
Проектот е изработен од Општина Битола и за него општината доби подгрант средства од Европската Унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“ финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската унија и од буџетот на општината.
Како што велат од Општина Битола, процесот на понудување за оваа постапка ќе се спроведе во согласност со методот “Национално јавно наддавање” и упатството на Светска банка и е отворен за сите прифатливи понудувачи како што е наведено во Упатствата за набавки.
На истата веб страна за потребите на споменатиот потпроект за адаптирање и реставрирање на Офицерски дом, на 10 јуни, објавено е и барање за изразување на интерес за надзор на градежни работи за згради прогласени како културно наследство во четири општини.
– За сите понудувачи, покрај исполнувањето на останатите критериуми, наведени во постапките, треба целосно да го имплементираат планот за заштита на културното наследство и планот за заштита на животната средина. Во спротивно, секое отстапување од нив ќе биде на штета на изведувачот, информираат од општината.