Голем интерес кај кавадарчани за купување инвертер клими со субвенција од општината. Како што потврдуваат за МИА од Кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев, на јавниот повик се пријавиле околу 140 семејства, а субвенција можат да добијат седумдесетина, ако сите тие настапат со побарување за субвенционирање од предвидените максимум 15 илјади денари.
-Општината обезбеди околу милион денари од сопствениот буџет за субвенционирање при купување инвертер клими уреди, со цел да се намали бројот на семејствата кои зиме користат извори за затоплување што загадуваат. Со ова се штити животната средина и се зголемува свеста кај населението, нагласуваат од градоначалничкиот кабинет.
Оттаму потсетуваат дека локалната самоуправа презеде и низа други мерки со кои се намалува загадувањето. Истото, нагласуваат, ќе се прави и во иднина.
Изборот на семејствата кои ќе бидат субвенционирани, ќе се одреди преку јавно извлекување. На сите оние кои ќе бидат извлечени, а претходно се грееле на дрва или друго загадувачко гориво и купиле инвертер клима и ги исполнуваат предвидените услови, општината ќе им врати до максимум 15 илјади денари.