Недостигот од работен кадар е еден од најчестите проблеми во последно време со кои се соочува текстилството во Делчево и поширокиот регион. Миграцијата си го направи своето, но и се помалку ученици во изминатите 10 години години решаваат да се запишат во текстилната струка, за која интересот од година во година опаѓа. Еден од ретките кој решил да навлезе во техниките на текстилството е 18 годишниот Драган Белогазовски кој од делчевската гимназија излегува како ученик кој солидно ги научил тајните на овој занает.

-Во рамки на четирите години поминати во нашата гимназија научивме да правиме рабови, да нашиваме џебови, да ставаме „лајсни“. Мојата иднина го гледам во овој занает, бидејки тоа најмногу ме интересираше кога завршив гимназија, ќе пробам да го продолжам моето образование во оваа струка, па се надевам дека еден ден ќе имам своја сопствена фирма, вели Белогазовски.

Соочени со предизвикот за изнаоѓање млад кадар, како замена за посточекиот, кој веќе е зрел за пензија, текстилниот сектор, во соработка со општината, во изминатите години започна проект за доделување стипендии за учениците кои ќе решат да ја изучуваат оваа струка. но поради слабиот интерес, проектот не ги оправда очекуваните резултати.

-Имаше интерес од стопанствениците за реализирање на оваа иницијатива, но некако не успеа да се развие до крај. Сепак, се надеваме дека интересот за оваа мерка ќе продолжи од страна на учениците и во иднина ќе имаме повеќе ученици во оваа струка, велат професори од делчевската гимназија.

Во текстилниот сектор во Делчево својата егзистенција во моментот ја нашле над 1.000 работници кои претежно се на возраст од 50-60 години.