Апостолската палата, или Palazzo Apostolico, е официјална резиденција на папата во Ватикан и затоа често се нарекува Папска или Ватиканска палата. Апостолската палата е комплекс на градби, изградени во периодот од XII до XIX век.

Многумина велат дека за да видиш сè во Папската палата, потребни се неколку дена. Тогаш, што може да се уочи во еден час!? И многу… И малку…

Застанавме во атриумот, кој внимателно како и секоја порта во Ватикан ја чува Швајцарската гарда. Патеката на движење познато е непозната, а за службено движење низ големите салони, но и низ малите тесни ходници има придружба. Папската палата има над 1.000 простории со различни намени, а меѓу позначајните оддели се папскиот апартман, владините и црковните канцеларии и капели, ватиканскиот музеј, ватиканската библиотека, Систинската капела, просториите наречени Рафаелови, сала Клементина, сала Реџија и други. Повеќето од овие оддели, изградени во различни временски периоди, се богато декорирани од еминентни уметници, претставници на раната и високата ренесанса во Италија, како Рафаело Санти, Џулио Романо, Микеланџело Буонароти, Сандро Ботичели, Доменико Гирландајо, Пјетро Перуџино…

Водичот, кој „штедливо“ одговараше на ад хок прашања, премолчено дозволи да се слика секаде каде што очите ќе се вперат, а тие избезумени ѕиркааа на сите страни во палатата, по ѕидовите, сводовите, подовите, вратите и прозорците, рачно изработени предмети, злато, сребро, сè, сè ремек-дела од рацете на големите мајстори.

Богати се уметничките содржини на просториите во, како што го нарекуваат, град-држава Ватикан. Тие се украсени со ѕидно сликарство, слики на платно, скулптури, штуко-декорација, а во палатата застапени се различни видови техники, како фреско и секо или сува метода, техника на позлатување, штуко-техника и друго. Забележливи се теми од христијанската религија старозаветни и новозаветни сцени, триумфот на христијанската религија, апокрифни историски настани, алегориски прикази, морални коментари, портрети на папите, одделни светители, клучни историски моменти, портрети на значајни ренесансни личности, патрони и донатори.

Во палатата нема врева, секој посетител сам анализира и се восхитува. Забележливо е дека начинот на декорирањето е во духот на ренесансата, карактеризирана со реализам и емотивност, инспирирана од античките естетски принципи – симетрија, пропорција и хармонија. Посебно место и скоро со мистична улога зазема убавината како естеска категорија. Во ренесансата се пласира идејата дека со помош на убавината возможно е да се достигне божествената визија и поради тоа уметниците имаат визионерска способност да го креираат сето она што и денес плени во Ватиканската палата.

Во Светиот Престол, покрај евидентните реалистични теми набиени со емоции, во декорацијата на одредени сцени, ненаметливо се присутни бројни христијански симболи, како на пример рибите, птиците, испреплетена вегетација, плодови и сл. Рибата е ранохристијански симбол што во првобитната црква се користел како акроним за изразот: »Исус Христос, Божји син, Спасител«. (Ихтис) што на грчки значи риба. Првите христијани го користеле знакот на рибата како симбол на верувањето во Божјиот син. Покрај другото, рибата ги симболизира и душите на спасените христијани.

На ѕидовите и столбовите во раскошните салони впечатливи се и птиците, симбол што потсетува на воскресението, Христовите страдања, додека во сцените на Христовото раѓање ластовичките летаат околу пештерата и го најавуваат неговото доаѓање. Цветовите или претставените растенија, преплет на зеленило и цветови ја симболизираат градината на блажените и богоугодните луѓе. На пример, црвениот трендафил со предхристијанските толкувања е изникнат од крвта Христова, појаснуваат стручни лица, и додаваат дека претставувањето плодови според христијанското толкување значи бесмртност, изобилство, вечен живот, Христовата љубов кон човечкиот род, духовна плодност.

Дилемите останаа… како се проектирал коцептот за да нема бел или уметнички недопрен ѕид во палатата, како се изработувале сводовите и во каква положба бил уметникот кога цртал, колку време им било потребно за да го осмислат и овозможат тоа едноставно движење низ ватиканските музеи, дали некој ја одобрувал таа хармонична целина?

Велат дека во Ватикан и скалите по кои слегувате и заминувате претставуваат уметничко дело. Да, така беше…

Марјан Танушевски