Општина Виница подготвува богата културно-забавна програма по повод одбележувањето на Павловден – празникот на градот. Според започнатата практика од минатата година, наместо еден ден празничната програма ќе се реализира во текот на целата недела, а граѓаните ќе имаат богат избор на културни содржини.
На првиот ден од прославата, на 8 јули во вечерните часови, на платото пред Домот на културата во Виница ќе се одржи проекција на домашниот игран филм, „Господ постои, името и е Петрунија“, а за наредниот ден на истата локација во истиот термин ќе биде прикажан детски анимиран филм.
– За 10 јули во лапидариумот на музејот „Теракота“ е планирано отворање на изложбата „Виница низ фотографии“, а во вчерните часови ќе биде промовиран најновиот музички албум „Андердог“ на групата „Филч“. В четврток, 11 јули, во вечерните часови на Виничкото кале, актерот Игор Дамјанов, инаку наш сограѓанин, ќе се претстави со монодрамата „Страстите на Илија“. Следниот ден во венчалната сала ќе се одржи поетска вечер со Тихомир Јанчовски, а веднаш потоа и концерт на етногрупата „Чалгија саунд систем“, истакна Ивица Димитров, градоначалник на Виница.
На самиот празник Павловден (13 јули) во утринските часови е планирано полагање на моштите на свети Гаврил Лесновски во храмот „Св. Архангел Михаил“, како и литија до параклисот „Св. Павле“ пред општинската зграда. Потоа ќе следува свечена седница на Советот и промоција на монографија за основното училиште „Славчо Стојменски“.
Во вечерните часови на плоштадот во Виница концерт ќе одржат Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд.