Членови на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Велес,синоќа на интересен настан во Младинскиот парк во Велес преку глума,поезија и танц, до своите сограѓани ја упатија пораката „И ние можеме“.
На неколку убаво уредени штандови тие на посетителите им претставија свои рачни изработки како и промотивен материјал од над 20 годишната успешна работа на невладината „Порака“. Преку овој материјал тие ги запознаа присутните на настанот со нивните разновидни можности, способности и успеси кои во сите овие изминати години ги реализираа преку голем број на активности и проекти.
Како што информира за МИА, Весна Басаров претседател на здружението, нивните активности се насочени кон заложбите за подобрување и унапредување на правата на овие лицата со интелектуална попреченост, во сите населени места на Општина Велес.
-„Порака“ сите овие години преку низа активности, и вакви и слични настани секогаш се залага и прави напори во насока за подигнување на јавната свест на своите сограѓани за прифаќање на овие лица преку презентирање на нивните можности и способности и вештини од различни области. Така и преку овој настан, на наша голема радост како и многупати досега кај нашите сограѓани предизвикавме бура од емоции. Настанот, не случајно, беше насловен „И ние можеме“, бидејќи во период од само час и половина, лицата со попреченост ги покажаа своите способности за глума, поезија, танц, како и претхнодно подготвени уникатни рачни изработки, потенцира Басаров.
Димитри Соле Љубин, поет, кој беше дел публиката и со воодушевување ја следеше целата програма, потенцира дека и покрај огромната летна жега сите учесници и гости на миг ја заборавија, бидејќи беа пренесени во еден поинаков, помил свет, присуствувајќи на прекрасен настан.
-Тој спокоен свет, малку поразличен, од кој сите треба да учиме, оти одамна сме го заборавиле.„И ние можеме“ ни порачаа децата и лицата со попреченост од нашиот град, кои со огромна љубов нѐ пречекаа и испратија. Ни читаа стихови, заедно со актерите од велешкиот театар и не понесоа во една забавна и многу поучна басна. Потоа сите заедно се забавуваме со дечињата од балетското студио „Анабела“ и со девојките од бендот „The Chicks“, потенцира Љубин.
„И ние можеме“ се реализира како дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција што го спроведува Институтот за медиуми и различности од Лондон,МИМ –Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија со финансиска поддршка на ЕУ.