Општина Новаци почна со имплементација на основниот проект реконструкција на доводен цевковод, кој локалното население го нарекува „Петте чешми“.

Доводниот цевковод е во должина од 13 километри, инвестиција вредна два милиони денари, за која најголем дел од средствата 1,5 милиони денари се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање, а остатокот од буџетот на Општина Новаци.

– Станува збор за изворот „Петте чешми” и четирите извори од кои со вода се снабдуваат четири села во Мариовскиот крај, односно Старавина, Градешница, Будимирци и Зович. Со реконструкцијата ќе се изврши санација на доводниот цевковод во должина од 13 километри од самиот извор се до приклуцочите во посочените села. Цевководот е изграден во 1999 година, но со текот на времето, лоши временски услови, поројни дождови кои се сливаат во суводолиците и реките како и дотраени цевки, видливи се постојани оштетувања на главниот цевковод и недостиг на вода во селата, посебно во летниот период, информираа од локалната самоуправа.

Од таму наведуваат дека со реконструкцијата на овој цевковод ќе се решат долгогодишните проблеми на жителите, ќе се обезбеди континуирана екплоатација на вода до крајните корисници во текот на целата година и ќе се продолжи со обновување на сточарството во овој регион.

Инвеститор на реконструкцијата на доводниот цевковод е Општина Новаци, а како најповолен изведувач за извршување на градежните работи беше избрана фирмата ЗИМАК ДООЕЛ-Битола.